Бобан Грнчаров три години во новото бугарско чудо – Ботев Пловдив
Македонскиот фудбалски репрезентативец Бобан Грнчаров кариерата ќе ја продолжи во Бугарија, откако попладнево потпиша тригодишен договор со бугарскиот прволигаш Ботев Пловдив.
Доскорешниот дефанзивец на белгиски Лирс е едно од најзвучните имиња кои му пристапуваат на клубот од Пловдив, наречен „новото бугарско фудбалско чудо“, зашто по влегувањето годинава во бугарската фудбалска елита, новиот спонзор има намера од екипата веднаш да направи шампионски тим – нешто како што се случи со Лудогорец, годинешниов бугарски првак, кој ќе игра квалификации во Лигата на шампионите. Се шпекулира со сума од 20 милиони евра годишен буџет, што Ботев секако би го направил еден од најбогатите фудбалски колективи во регионот.
Близината до Скопје и фантастичната финансиска понуда беше главна причина Грнчаров да потпише договор со Ботев, иако имаше сериозни понуди од Кина, Азербејџан и Израел.
„Задоволен сум што потпишав за Ботев, клубот има големи амбиции, мене ми се допаѓа кога околу мене наидувам на силно мотивирани луѓе. Имав многу понуди, но близината на Пловдив до Скопје си го направи своето. Секако, и финансиската понуда беше тешко да се одбие. Ова е нов момент во мојата кариера, првпат играм во Бугарија, но имам чувство дека тука ќе имам многу радосни моменти со Ботев“, ни изјави Грнчаров.
Бобан е дете на Вардар и потекнува од силно спортско семејство – таткото Атанас е легенда на црвено-црниот тим, а неговиот брат, кошаркарот Тони, е член на МЗТ Скопје и првиот капитен што го крена пехарот за шампионската тиктула во историјата на тој клуб. Меѓудругото, Бобан е познат и по тоа што е македонски фудбалски интернационалец со огромен стаж – замина од Македонија на 18 годишна возраст и тоа во ОФК Београд, од каде што потоа замина за Украина, во Металург Доњецк. По краткотрајната позајмица во Стал Алчевск, Грнчаров кариерата ја продолжува во белгиски Гент, па потоа оди во Израел, во Макаби Петах Тиква. Најголемите успеси на клупско ниво ги имаше во двете години поминати во кипарски АПОЕЛ, кога играше во Лигата на шампионите во група со Челси, и токму против англискиот гигант двапати прогласуван за фудбалер на мечот. По АПОЕЛ, Грнчаров замина во Лирс, но таму се задржа една година.
Во последнава година, Грнчаров е стандарден македонски репрезентативец, а дресот со националниот грб го носел 25 пати.
http://www.mkd.mk/41829/sport/grncarov- ... v-plovdiv/